СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ денеска се „чепнаа“ на економски теми. Најпрвин опозициската партија на прес конференција кажа дека „секојдневно, реалните економски податоци и индикатори ги побиваат лагите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за наводен економски бум во државата“.
Според нив, последните податоци за инфлацијата потврдуваат дека, спротивно на уверувањата на власта дека инфлацијата паѓа, таа останува висока и ја јаде куповната моќ на граѓаните.
„Годишната инфлација во октомври достигна 4,5%. Најголемо зголемување од 7% е регистрирано кај трошоците за храна и безалкохолни пијалаци – основните производи без кои не може да живее ниту едно семејство“, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ веднаш им врати со соопштение во кое наведе дека доколку граѓаните беа навистина незадоволни од нивната работа, немаше да им дадат толкава и убедлива поддршка на локалните избори и дека тоа е најјасната порака од народот дека има доверба во политиките кои носат резултати.
„Како може токму партијата која со години го оштетуваше државниот буџет за лични и партиски интереси, денес да држи прес-конференции за подобар животен стандард и економија“, стои во реакција на ВМРО-ДПМЕ.
Од владејачката партија додадоа дека е иронично што СДСМ зборува за инфлација кога токму во нивно време државата се соочи со двоцифрена инфлација и економска нестабилност.
„Наместо да излегуваат со вакви теми во јавноста, за кои народот очигледно не им верува, најдобро би било СДСМ конечно да се посветат на внатрешни реформи, да расчистат со старите структури и да понудат барем трошка кредибилитет пред јавноста“, заклучија од ВМРО-ДПМНЕ.
