Седум години по трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а повеќе од 30 беа повредени, судската постапка повторно ќе се разгледува пред Апелациониот суд.
Врховниот суд ја укина второстепената пресуда, оценувајќи дека таа не содржи доволно јасно и прецизно образложение за индивидуалната кривична одговорност на секој од осудените. Судот не утврдил дека обвинетите не се виновни, туку побарал подетално објаснување на причинско-последичната врска меѓу нивните дејствија или пропусти и трагичниот настан.
Во одлуката се посочува дека не било доволно образложено врз кои докази се темелат заклучоците за вината на секој од обвинетите, ниту како нивните конкретни постапки придонеле за несреќата.
Посебно внимание Врховниот суд посветува на вештачењата, во кои покрај пропустите кај возачот е констатирана и техничка неисправност на автобусот. Според Судот, Апелација не дала доволно јасно образложение за тоа колкаво влијание имала неисправноста на возилото врз настанувањето на несреќата, ниту како тој факт е поврзан со одговорноста на осудените.
Во одлуката се наведува и дека не биле доволно разгледани наодите според кои на местото на несреќата немало траги од сопирање, како и барањата на одбраната за дополнително супервештачење во врска со здравствената состојба на возачот.
Врховниот суд оценил дека и првостепената и второстепената пресуда содржат недостатоци во образложението, бидејќи во голем дел се прераскажуваат доказите, без детално да се објасни како од нив произлегуваат заклучоците за вината.
Поради тоа, укината е пресудата на Апелациониот суд од 17 април 2025 година, а предметот е вратен на повторно одлучување.
Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“, кој сообраќал на релација Скопје–Гостивар, излета од автопатот кај Ласкарци. Во несреќата загинаа 16 патници, а десетици беа повредени.
Основниот кривичен суд во јануари 2024 година ги прогласи виновни шестемина обвинети и им изрече вкупно 39 години затвор. Во април 2025 година Апелациониот суд ги зголеми казните, кои вкупно достигнаа 53 години затвор.
Со најновата одлука на Врховниот суд, постапката повторно се враќа во Апелација, која ќе треба повторно да ги разгледа жалбите и детално да ги образложи сите клучни прашања што беа посочени во одлуката.
