Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одржа проштална средба со амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која беа разгледани резултатите од досегашното партнерство и проектите реализирани со поддршка на организацијата.
Тошковски му се заблагодарил на Вал за неговиот ангажман и придонес во унапредувањето на соработката со Министерството за внатрешни работи, особено во процесите поврзани со модернизацијата на полицијата, обуката на службениците и подобрувањето на условите за работа со ранливите категории граѓани.
Како дел од позначајните проекти беше издвоена иницијативата за воспоставување хибриден образовен систем во МВР, преку која во Полициската академија беше изграден и опремен Мултимедијален центар за обука, пуштен во употреба во февруари 2025 година.
Во рамки на истиот проект, беа опремени и специјализирани простории за разговор со деца и жртви во секторите за внатрешни работи во Битола, Струмица и Тетово, со цел обезбедување подобри услови за постапување со лица од ранливите категории.
На средбата беше посочена и важноста на проектот за намалување на ризикот од нелегална трговија и злоупотреба на мало и лесно оружје, преку кој беше отворен Регионалниот К9 центар за обука и сертификација во касарната „Ѓорче Петров“, како и реализирани повеќе регионални обуки и конференции.
Меѓу активностите поддржани од ОБСЕ беа споменати и кампањата „Животот нема рестарт“, насочена кон подигнување на свеста кај младите за опасностите од злоупотребата на оружје, регионалната конференција за полициска и царинска соработка во Скопје, како и обуката за откривање оружје одржана во Лазарополе.
Според Тошковски, резултатите од соработката се видливи преку подобрените услови за полициска едукација, современата опрема и зајакнатите капацитети за поголема заштита на граѓаните.
Соговорниците ја потврдиле потребата од продолжување на партнерството меѓу МВР и Мисијата на ОБСЕ, со фокус на професионализацијата на полицијата, владеењето на правото и јакнењето на довербата на јавноста во институциите.
На крајот од средбата, министерот Тошковски му посакал успех на амбасадорот Вал во идните професионални ангажмани, изразувајќи уверување дека досега изграденото партнерство ќе продолжи да биде основа за понатамошна соработка.
