Бесплатен безжичен интернет со брзина од 200 мегабити во секунда е обезбеден на 72 локации во 64 општини преку проект поддржан од Европската Унија и Германија, а спроведен од ГИЗ во координација со Министерството за дигитална трансформација и Македонски Телеком.
На безжичниот интернет досега се регистрирани над 200.000 корисници и пренесени повеќе од 115 терабајти податоци, а според евроамбасадорот Михалис Рокас проектот е конкретен пример за соработка во рамките на „Тим Европа“ и потврда за високиот приоритет што Европската Унија го дава на дигиталната поврзаност.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер, нагласи дека суштината на иницијативата е дигиталната инклузија и обезбедувањето еднаков пристап до информации, образование и јавни услуги, независно од местото на живеење и финансиските можности на граѓаните.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски како можни локации за следната фаза ги посочи Свети Наум, Дебарското Езеро, Маврово и Кокино.
