Неидентификувани дронови се забележани над четири аеродроми во Данска, поради што еден од нив бил затворен неколку часа, соопшти данската полиција.
Според данските медиуми, дронови биле забележани над аеродромите во Есбјерг, Скијрдструп, Сендерборг и Олборг, при што аеродромот во Олборг бил затворен за сообраќај. Олборг се наоѓа на северот од Данска.
„Активностите на дроновите го попречуваат нормалното работење на аеродромот“
Портпарол на аеродромот во Олборг одбил да коментира колку дронови биле забележани, но полицијата потврдила дека станува збор за поголем број.
„Активностите на дроновите го попречуваат нормалното функционирање на аеродромот во Олборг. Воздушниот сообраќај е затворен и сите летови се откажани“,
изјавил шефот на локалната полиција, Јеспер Бојгорд, додавајќи дека ситуацијата се следи и контролира.
Полицијата исто така навела дека сѐ уште не е јасно дали дроновите видени над Олборг имаат врска со оние што беа забележани пред два дена во Копенхаген.
