Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во текот на ноќта Русија извршила масовни напади врз енергетската инфраструктура на Украина, при што биле оштетени повеќе од десет енергетски објекти, а без електрична енергија останале најмалку 550.000 домаќинства.
Во објава на Фејсбук, Зеленски наведе дека нападите ги погодиле регионите Виница, Волин, Кировоград, Киев, Николаев, Житомир, Хмелницки, Харков, Тернопол, Одеса и Ривне. Тој истакна дека екипите за санација веќе работат на терен за што побрзо да се воспостави снабдувањето со електрична енергија.
Според украинскиот претседател, нападот бил изведен во неколку бранови со балистички ракети, а главна цел биле енергетскиот сектор и критичната инфраструктура.
Освен енергетските објекти, оштетени биле и медицинска клиника, училиште, станица на метрото и станбени згради. Зеленски наведе дека Русија употребила 16 балистички ракети и повеќе од 200 беспилотни летала од различни типови, меѓу кои и дронови „Шахед“ со млазен погон.
Тој додаде дека во нападите има и жртви, а воедно изрази незадоволство што, како што наведе, „повторно немало никакво предупредување од партнерите“ за претстојниот напад.
