Бугарски суд одобри издавање европска потерница за двајца германски државјани кои се осомничени дека запалиле антени на системот „Старлинк“ во близина на Софија, потврди портпарол на судот, пренесува „Ројтерс“.
Според бугарското обвинителство, двајцата осомничени влегле во Бугарија од Србија на 9 октомври, престојувале неколку часа во земјата, а потоа повторно ја преминале границата кон Србија.
Тие се товарат дека го предизвикале пожарот во телекомуникацискиот центар „Плана“, кој се наоѓа јужно од Софија, каде што биле поставени антени на сателитскиот систем „Старлинк“.
Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува затворска казна од три до 12 години, објави бугарската новинска агенција БТА.
Одлуката за распишување европска потерница не е правосилна и може да биде обжалена во рок од три дена.
„Старлинк“, кој е дел од компанијата „Спејс Екс“, има значајна улога во Украина, каде што терминалите се користат за воени и цивилни комуникации. Приемници од системот се вградуваат и во дел од украинските беспилотни летала како дел од нивните навигациски системи.
Во изминатиот период, повеќе европски држави слични инциденти со пожари ги поврзаа со можни саботажи зад кои, според нивните тврдења, стои Русија. Москва ги отфрла ваквите обвинувања, оценувајќи ги како неосновани и мотивирани од, како што наведува, антируска реторика.
