Протестното движење во Албанија продолжува да се шири, а демонстрантите и денеска излегоа на улиците во повеќе градови со барање за оставка на владата и премиерот Еди Рама.
Во Тирана протестите траат веќе седум дена по ред. Граѓани и студенти повторно се собраа на главниот плоштад, а паралелно протести се одржуваат и во Леже, Валона, Елбасан и Скадар, каде што на демонстрантите им се приклучија средношколци и студенти.
Во Скадар, помала група студенти организираше протестен марш, повикувајќи на бојкот на наставата. Тие извикуваа пораки против власта и бараа промени, меѓу кои и оставка од премиерот Рама.
Во Елбасан протестите продолжуваат четврти ден, а голем број млади се собраа пред образовните институции за да го изразат незадоволството од состојбата во земјата.
Студентски протест е најавен и во Валона, каде што во близина на местото на собирање се распоредени полициски сили. Во Леже, пак, средношколци ја бојкотираат наставата и организираат протестен марш.
Последните протести следуваат по насилните судири што се случија во неделата во Тирана, кога демонстранти и полиција се соочија на плоштадот „Скендербег“ и долж булеварот „Маченици на нацијата“.
За време на инцидентите, дел од демонстрантите фрлаа камења, стапови, молотови коктели и пиротехнички средства, додека полицијата употреби солзавец за растерување на толпата и спречување на понатамошна ескалација.
Движењето започна како протест на студентите поради проблемите во образованието, високите трошоци за студирање и слабите можности за младите, но постепено прерасна во пошироко антивладино движење со барање за политичка одговорност и оставка од Еди Рама.
