Ноќва започнува летното сметање на времето, стрелките на часовникот во 02:00 часот се поместуваат еден час нанапред. Тоа значи дека денот ќе трае 23 часа, а граѓаните ќе „изгубат“ еден час сон.
Практиката на менување на времето датира од 1916 година, кога за време на Првата светска војна Германија и Австро-Унгарија први ја вовеле со цел заштеда на енергија. Подоцна, оваа мерка ја прифатиле и други европски земји, а со текот на времето станала стандард во голем дел од светот.
Во Македонија, летното и зимското сметање на времето се применува од времето на поранешна Југославија, односно од 1983 година, и таа практика продолжи и по осамостојувањето.
Сепак, не сите земји го применуваат овој систем. Меѓу државите кои не го менуваат времето се САД (во некои држави), Русија, Јапонија и Кина.
Во последните години, сè погласни се дебатите за укинување на оваа практика. Европската унија во 2016 година покрена иницијатива за укинување на сезонското поместување на времето и воведување единствено сметање. И покрај тоа, земјите членки не успеаја да постигнат договор – дел се за трајно летно, а дел за трајно зимско време.
Покрај енергетските ефекти, се отвора и прашањето за здравјето, бидејќи многу луѓе се жалат на замор и нарушен биоритам. Истражувањата покажуваат дека на организмот му се потребни околу две недели за да се адаптира на промената.
И покрај сите дилеми, часовниците и оваа година ќе се поместат – барем додека не се донесе конечна одлука за иднината на оваа практика.
