Со површина од над 20.000 квадратни метри и повеќе од 50 светски и домашни брендови, денес отворениот МЕГА Шопинг Парк во Гевгелија е најголемиот ритејл парк на Балканот.
„Денес славиме реализација на една голема визија и проект што го рефлектира силниот економски потенцијал на земјата и нашиот регион. МЕГА Шопинг Парк е создаден да постави нови стандарди, а со внимателното интегрирање на сите содржини на едно место, создадовме уникатен простор кој го нуди концептот ‘Total Experience’ и во целост ги задоволува сите потреби на посетителите. Нашата амбиција е јасна, а тоа е да ја трансформираме Гевгелија од транзитна точка во вистинска регионална и европска дестинација и да создадеме модерно обележје на кое целата заедница ќе биде горда“, изјави генералниот директор на МЕГА Шопинг Парк, Сотирис Јанакудакис.
Присутните ги поздрави и градоначалникот на Општина Гевгелија, господин Андон Сарамандов, кој истакна дека ова е најголемата инвестиција во општината изминатите години, во вредност од над 30 милиони евра.
По свеченото пресекување на лентата премиерот Христијан Мицкоски изјави дека овој шопинг-центар е огромна додадена вредност за економијата, не само во Гевгелија, туку и за целата држава.
„Очекувам да прерасне во место кое ќе го посетуваат сите кои транзитираат низ Македонија по Коридорот 10, бидејќи содржините што ги нуди се навистина импресивни. Колку повеќе вреди вашиот бизнис и колку е тој поголем, толку државата станува посилна. Ова е прекрасен објект кој на економијата во Гевгелија и дава нова димензија“, изјави премиерот Мицкоски.
За време на официјалната обиколка, присутните имаа можност детално да се запознаат со сите сегменти на комплексот кој е поделен на неколку клучни зони. Посетителите имаат на располагање Fashion зона на површина од 12.000 квадратни метри, специјализирана Home Decor и DIY зона која зафаќа 5.000 квадратни метри, најголемата боулинг зона во регионот Bo Bowling & Gaming Arcade на површина од 2.500 квадратни метри, како и дел за храна Gourmet Avenue.
Отворањето на комплексот предизвика огромен интерес кај јавноста, па така во изминатите 24 часа МЕГА Шопинг Парк го посетија над 10.000 посетители од земјава и целиот регион.
