Влажните коловози и активните градежни работи на повеќе патни правци бараат дополнителна внимателност од возачите. Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот се одвива без поголеми застои, но апелираат брзината да се прилагоди на условите на патот, особено на делниците каде што има опасност од одрони.
Утринава сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, додека интензитетот надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.
АМСМ предупредува дека постои зголемена опасност од одрони на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, поради што се препорачува особено внимателно возење.
За оние што патуваат кон Охридскиот регион, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е прооден за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
На повеќе делници низ државата и понатаму има изменет режим на сообраќај поради градежни активности. На автопатот А2, на делницата Кичево – Охрид, од Пресека до клучката Арбиново, сообраќајот се одвива по девијации поради санација на левиот коловоз. Работи се изведуваат и на делницата Гостивар – Кичево, каде што се реконструира мостот на реката Тајмишка.
Изменет режим има и на автопатот А1 кај Гевгелија, каде што делницата од исклучувањето за градот до граничниот премин Богородица е затворена, а возилата се пренасочуваат на спротивниот коловоз, по кој сообраќајот се одвива двонасочно.
На патниот правец Прилеп – Кавадарци, кај Беловодица и Тројаци, возилата се пропуштаат наизменично, додека кон Битола сообраќајот е пренасочен од клучката Лагово до Тополчани поради изградбата на Коридорот 10Д. Во меѓувреме, регионалниот пат Мало Коњари – Кривогаштани останува целосно затворен за сообраќај.
Од АМСМ потсетуваат дека за движење низ резерватот Јасен и понатаму важат утврдени термини. Од Скопје кон Македонски Брод сообраќајот е дозволен од 07:30 до 09:00 часот, од 12:00 до 12:45 часот и од 16:00 до 18:00 часот. Во обратна насока, од Македонски Брод кон Скопје, возилата можат да поминуваат од 06:00 до 07:00 часот, од 10:30 до 11:00 часот, од 13:00 до 13:45 часот и од 18:30 до 20:00 часот.
