Голем број граѓани утринава се собраа пред експозитурите на Алта банка во Србија, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа и поднесе предлог за отворање стечајна постапка поради влошена ликвидност.
Граѓаните пристигнале пред филијалите со цел да добијат информации за состојбата со нивните сметки и средствата што ги имаат во банката.
Случајот предизвика дополнително внимание во јавноста откако адвокатот Иван Миниќ пред два дена објави дека до Народната банка на Србија доставил барање за итна вонредна ревизија на работењето на Алта банка.
Тој навел дека располага со информации кои, според него, укажуваат на почеток на забрзан процес на префрлање средства во странство, кон сметки и правни лица лоцирани во Москва и Скопје. Засега нема официјална потврда од надлежните институции за овие тврдења.
Алта банка е поврзана со Алта група, компанија која од бизнис со менувачници постепено се проширила во повеќе области, меѓу кои финансиски услуги, осигурување, градежништво, недвижности и угостителство.
Банката е во целосна сопственост на Алта груп д.о.о., која е сопственост на српскиот бизнисмен Давор Мацура.
Пред одлуката на Народната банка на Србија, во јавноста се појавија и информации дека компанијата Алта Пеј, која работи во рамки на групацијата, им дала насоки на деловните партнери плаќањата да ги вршат преку сметки во други банки, меѓу кои Поштанска штедионица и ОТП банка.
Во изминатите години Алта банка учествуваше во повеќе значајни финансиски активности во Србија, а меѓу нејзините клиенти се наведуваат и државни компании. Меѓу нив се Електростопанство на Србија (ЕПС), кое преку банката вршело дел од наплатата на сметки за електрична енергија, како и Авто-мото сојузот на Србија и белградскиот „Паркинг сервис“.
Одлуката за одземање на дозволата за работа сега ја активира законската процедура за стечај, а понатамошниот тек ќе зависи од постапките на надлежните органи и стечајниот управник.
