Народната банка на Србија ја одзеде дозволата за работа на АЛТА банка, со образложение дека финансиската состојба на институцијата значително се влошила и дека постои ризик за интересите на депонентите. Одлуката доаѓа во период кога банката е во центарот на вниманието поради објавените сомнежи за трансфер на средства кон странство, меѓу кои во јавноста се споменуваа и Македонија и Русија.
Српската централна банка соопшти дека пред донесувањето на одлуката биле преземени повеќе контролни активности со цел да се подобри ликвидноста на банката, но анализите покажале дека нејзината финансиска состојба продолжила да се влошува. Поради тоа, Извршниот одбор оценил дека се исполнети законските услови за одземање на дозволата за работа, со цел да се заштитат депонентите и да се зачува стабилноста на финансискиот систем.
Од Народната банка на Србија информираат дека Агенцијата за осигурување на депозити во рок од седум работни дена ќе започне со исплата на осигурените депозити, во согласност со важечките законски прописи.
АЛТА банка во изминатите денови беше предмет на големо внимание и поради тврдењата за наводно забрзано префрлање ликвидни средства кон сметки и правни лица во Москва и Скопје. Првите информации во јавноста ги изнесе српскиот адвокат Иван Ниниќ, без да ја именува банката, а подоцна слични обвинувања изнесе и кандидатката на Студентската листа, Сара ел Сараг, во интервју за телевизијата Н1.
По овие информации реагираше и Народната банка на Македонија. Гувернерот Трајко Славески изјави дека домашниот банкарски систем е стабилен и дека централната банка постојано ја следи ликвидноста, капиталната состојба и изложеноста на ризици кај сите банки во земјата.
Случајот доби и политичка димензија, откако од СДСМ побараа надлежните институции да одговорат дали од Србија кон Македонија биле префрлани повеќе од 50 милиони евра. Од македонските институции засега нема дополнителни информации поврзани со овие наводи.
Според податоците на Народната банка на Србија, АЛТА банка е во блокада од 30 октомври. Банката е присутна и на македонскиот пазар, откако минатата година ја презеде Стопанска банка – Битола.
Во Србија, АЛТА банка беше позната како финансиска институција преку која дел од големите државни компании ги реализираа своите плаќања, меѓу кои и Електростопанството на Србија, како и други јавни претпријатија.
