Лажни дојави за поставени експлозивни направи вечерва предизвикаа евакуација на објектите на Радио-телевизија Србија (РТС), поради што беше одложено и емитувањето на второто издание на Дневникот.
Според информациите на РТС, дојавата била примена во контакт-центарот во 18:42 часот, по што веднаш биле активирани безбедносните протоколи и вработените ги напуштиле зградите.
Противдиверзантските екипи на српското Министерство за внатрешни работи извршиле проверки во објектите на РТС во улиците „Таковска“ и „Абердарева“, во Радио Белград, како и во комплексот на Кошутњак.
Поради безбедносните проверки, вториот Дневник на јавниот сервис започнал со речиси половина час задоцнување.
По завршувањето на увидот било утврдено дека станува збор за лажни дојави, по што вработените се вратиле на работните места, а програмата продолжила со редовно емитување.
Инцидентот се случува само еден ден по промените во раководството на јавниот сервис. По оставката на досегашната генерална директорка Мања Грчиќ, Управниот одбор на електронска седница го назначи Дејан Јовановиќ за вршител на должноста директор на РТС, додека Боривоје Ускоковиќ беше избран за главен и одговорен уредник на Информативната програма.
