Враќање во минатото.
Што се случило на денешен ден?
Дневен времеплов на ПРВА СКОПСКА ТВ
7 ноември
На денешен ден во 1781 година, во Севиља, Шпанија, последен пат било спроведено јавно спалување од страна на инквизицијата. Последното лице обвинето за ерес било осудено во 1826 година, со што завршила една од најмрачните епохи на верски прогон.
На овој датум во 1829 година, во Прилеп е роден Марко Цепенков – еден од најистакнатите собирачи на македонскиот фолклор. Неговата автобиографија е вреден извор за животот во Прилеп од тоа време. Творештвото на Цепенков е собрано во десет книги. Починал во Софија, на 29 декември 1920 година.
На денешен ден во 1888 година, во Штип е роден Панчо Михајлов – македонски револуционер, војвода, новинар, поет и фолклорист. Убиен бил во Софија во 1925 година.
На овој датум во 1913 година е роден францускиот писател Албер Ками, добитник на Нобеловата награда за литература во 1957 година. Неговото творештво ги отсликува парадоксите на современиот свет. Автор е на романите „Странецот“, „Чума“, „Пад“, драмите „Калигула“ и „Неразбирање“, како и на есеите „Митот за Сизиф“ и „Побунетиот човек“.
На денешен ден во 1917 година, во Санкт Петербург избувнала Октомвриската социјалистичка револуција во Русија – почетокот бил означен со истрелите на крстосувачот „Аврора“ и јуришот на „Земскиот дворец“.
На денешен ден во 1944 година, во Битола излегол првиот број на списанието за жени „Македонка“, орган на Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија. Подоцна излегувало под наслов „Просветена жена“, а од 1991 година како месечна ревија „Жена“.
На овој датум во 1945 година, во Скопје излегол првиот број на „Пионерски весник“, весник на Главниот одбор на НОМСМ. Прв редактор бил Јонче Јосифовски.
На денешен ден во 1947 година, во Горна Џумаја (денешен Благоевград) со пиесата „Печалбари“ од Антон Панов официјално започнала дејноста на Обласниот македонски народен театар – првиот професионален драмски ансамбл во Пиринска Македонија.
На денешен ден во 1980 година, починал американскиот филмски актер Стив Мек Квин, познат по своите улоги во авантуристички филмови како „Седумтемина величенствени“, „Бег“, „Пеперутка“ и „Том Хорн“.
На овој датум во 1987 година, претседателот Хабиб Бургиба, кој владеел со Тунис од 1956 година, бил соборен со државен удар од својот премиер Зин ел Абидин Бен Али. Ударот бил изведен без пролевање крв, со образложение дека 84-годишниот Бургиба е сенилен и неспособен за владеење.
На овој датум во 1992 година, починал словачкиот државник Александар Дубчек – водач на „Прашката пролет“, движењето за реформи во Чехословачка од 1968 година.
На денешен ден во 2001 година, белгиската авиокомпанија „Сабена“ по 80 години постоење прогласила банкрот – станувајќи првата европска национална компанија што ја погодила кризата по терористичките напади од 11 септември.
На овој датум во 2013 година, руската ракета „Сојуз“ со тројца космонаути полетала кон Меѓународната вселенска станица, носејќи го олимпискиот факел за Зимските игри во Сочи. За првпат во историјата на Олимпијадите, факелот бил испратен во Вселената.
