Во Скопје беше промовирана ЕкоСкопје – нова паметна еко-платформа развиена од млади, чија цел е да им овозможи на граѓаните едноставно и брзо да пријавуваат еколошки проблеми во својата околина.
Преку платформата, корисниците ќе можат да доставуваат информации за диви депонии, загадување, оштетена урбана опрема, несовесно фрлање отпад и други еколошки предизвици, со што ќе придонесат за побрза реакција на надлежните институции.
Проектот е насочен кон поттикнување на граѓанската вклученост, користење на современи дигитални алатки и развој на еколошката свест, особено кај младите.
Креаторите на платформата истакнаа дека идејата е да се создаде едноставен и достапен систем преку кој граѓаните ќе можат активно да учествуваат во заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на животот.
Очекувањата се ЕкоСкопје да придонесе за поефикасно евидентирање на еколошките проблеми, подобра комуникација со институциите и побрзо решавање на пријавените случаи.
