Тензиите во главниот град на Албанија не стивнуваат. Судирите меѓу демонстрантите и полициските сили продолжија и попладнево во Тирана, каде што протестите добија нова ескалација во близина на зградата на Министерството за образование.
И покрај интервенцијата на полицијата со водни топови, демонстрантите не се повлекоа. По првичниот обид да бидат растерани, студентите и останатите учесници повторно се организираа и продолжија со протестот на улицата „Драч“, во непосредна близина на Министерството за образование.
Протестите се насочени против владата, а демонстрантите повторно побараа оставка од албанскиот премиер Еди Рама.
Според албанските медиуми, ситуацијата останува исклучително напната, со повремени судири меѓу демонстрантите и припадниците на безбедносните сили. Полицијата започнала со приведување на дел од учесниците во протестите, но засега не е соопштено колку лица се приведени.
Ескалацијата предизвика и политички реакции. Лидерот на албанската опозиција и претседател на Демократската партија, Сали Бериша, остро ја осуди полициската интервенција, оценувајќи дека станува збор за употреба на сила врз студентите.
„Стоп на теророт на нарко-државните бандити врз храбрите студенти“, напиша Бериша на социјалните мрежи, упатувајќи критики кон власта.
Засега нема официјални информации за евентуално повредени лица, а безбедносните сили и натаму се распоредени во центарот на Тирана. Според локалните медиуми, состојбата останува динамична, а се очекуваат дополнителни информации за развојот на протестите.
