Агенцијата за храна и ветеринарство најавува построги санкции за операторите кои не ги почитуваат правилата за безбедност на храната, како и засилени инспекциски контроли. Во изминатите два дена се запленети вкупно осум тони небезбедни производи, а во подготовка се законски измени со кои глобите за прекршителите треба да бидат зголемени.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, информираше дека во текот на вчерашниот ден биле одземени два тона храна, додека денеска инспекторите при вонредни контроли на пазарите заплениле дополнителни шест тони производи.
Миланов посочи дека актуелните казни не се доволно ефикасни за да обезбедат целосно почитување на прописите и дека е потребно санкциите да имаат посилен превентивен ефект.
„Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме, а во изминатите две години вративме над 650 тони храна од увоз“, изјави директорот на АХВ.
Во однос на контролите на месните и млечните производи спроведени во текот на летото, тој информираше дека анализите покажале оти производите биле безбедни и квалитетни, но кај дел од операторите биле забележани неправилности во декларациите.
Според него, отстапувањата во означувањето на составот, како што се податоците за количината на вода или масленоста, не значат автоматски дека производот е небезбеден, но претставуваат прекршување на правилата за информирање на потрошувачите.
Миланов упати апел граѓаните внимателно да избираат каде купуваат храна и секогаш да ги проверуваат рокот на употреба, декларацијата, нутритивната табела, како и изгледот, мирисот и другите карактеристики на производите.
АХВ најавува и засилени контроли кај увозот и извозот, откако одредени македонски пратки со овошје и зеленчук биле вратени од земји во регионот. Според Миланов, последователните анализи покажале негативни наоди кај тие производи.
По повод Светскиот ден на храната, надлежните порачаа дека безбедноста на храната е заедничка обврска на институциите, производителите, трговците и потрошувачите.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, нагласи дека покрај лабораториското утврдување на микроорганизми и хемиски супстанции, важно е и проценувањето на нивното потенцијално влијание врз здравјето на луѓето.
На настанот биле разгледани и теми поврзани со здравата исхрана кај младите, со посебен фокус на употребата на енергетски пијалаци и производи за слабеење.
