Британската влада започна ревизија на националните планови за постапување во случај на воен конфликт или сериозна безбедносна криза, а истовремено им препорача на граѓаните да обезбедат резерви од вода, храна и основни средства за итни ситуации.
Во Лондон се подготвува нова верзија на таканаречената „Воена книга“ – документ чии корени потекнуваат од времето на Студената војна и кој ги дефинира обврските на државните институции во услови на војна или голема национална криза.
Со ревидираните насоки, министерствата, локалните власти и другите институции ќе добијат ажурирани задачи за координација со вооружените сили во случај на хибридни напади, саботажи или други сериозни безбедносни закани. Како дел од подготовките, британската влада планира во 2027 година да организира голема национална вежба за проверка на подготвеноста на институциите.
Во меѓувреме, на официјалните владини страници се објавени препораки до населението секое домаќинство да има резерви од флаширана вода и нерасиплива храна што не бара подготовка. Покрај тоа, се советува граѓаните да обезбедат батериски ламби, радио-приемник на батерии, комплет за прва помош и преносливи полначи за мобилни телефони.
Според британските власти, овие препораки не се наменети исклучиво за евентуален воен конфликт, туку и за ситуации како долготрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија, екстремни временски услови или други вонредни околности.
Начелникот на британскиот Генералштаб, Ричард Најтон, предупреди дека актуелната безбедносна состојба е најсериозната со која се соочил во текот на својата 35-годишна воена кариера, посочувајќи ја Русија како главен безбедносен предизвик.
Во анализите на британските медиуми се поставува и прашањето дали општеството е доволно подготвено за вакви сценарија, имајќи предвид дека повеќе генерации живееле во релативно мирен период. За разлика од некои скандинавски земји, кои со години инвестираат во цивилна заштита и подготвеност на населението, Велика Британија сега повторно ги активира механизмите за национална отпорност и колективна одбрана.
