Масовниот протест во Тирана, организиран на Денот на независноста на Албанија, прерасна во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Илјадници граѓани излегоа на улиците на албанската престолнина, барајќи оставка од премиерот Еди Рама, а според податоците на Министерството за здравство, 47 лица побарале лекарска помош.
Демонстрантите во саботата, на 28 ноември, се собраа на плоштадот „Скендербег“, извикувајќи „Оставка!“. На протестот, кој се одржа на 114-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија, присуствуваа граѓани од различни делови на земјата, како и припадници на албанската дијаспора.
Собирот започна мирно, но ситуацијата ескалираше за време на протестниот марш кон седиштето на албанската Влада. Според Асошиејтед прес, групи маскирани демонстранти почнале да оштетуваат државни институции, по што избувнале судири со полициските сили.
Дел од демонстрантите фрлале камења и молотови коктели кон полицијата, која одговорила со употреба на водени топови, солзавец и гумени куршуми.
Албанските медиуми објавија дека полицијата користела и дрон за испуштање солзавец, додека агенцијата „КосоваПрес“ пренесе дека демонстрантите собориле полициски дрон кој бил користен за надгледување на протестот.
Според албанскиот јавен сервис РТШ, за време на немирите биле оштетени зградите на Банката на Албанија, општинската администрација, Министерството за животна средина и Националниот театар за кукли.
Од полицијата за Радио Слободна Европа потврдиле дека до 19 часот биле приведени 18 демонстранти.
Според податоците на албанското Министерство за здравство, кои ги пренесе „Еуроњуз Албанија“, до 21 часот вкупно 47 лица побарале медицинска помош во две болници.
Меѓу повредените имало 20 полициски службеници, 15 демонстранти, шест новинари, четворица случајни минувачи, еден припадник на обезбедувањето и еден пратеник. Пет лица биле задржани на болничко лекување.
Протестот во Тирана претставува продолжение на серијата демонстрации што започнаа кон крајот на мај, поради плановите за изградба на луксузен туристички комплекс во јужниот дел на Албанија.
Проектот е поврзан со инвестициска компанија основана од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Противниците на проектот започнаа протестно движење познато како „Фламинго“.
Во септември на протестите се надоврзаа и студентски демонстрации, чии учесници побараа подобри услови во образованието и повисок животен стандард.
Со текот на времето, барањата на демонстрантите се проширија, а во центарот на протестите се најде и барањето за оставка од премиерот Еди Рама.
Учесниците на собирот во Тирана изразија незадоволство поради корупцијата, континуираното иселување на населението, ниските пензии и економските тешкотии со кои се соочуваат граѓаните.
