Надлежните институции се сетија дека Скопје има душа, традиција, историја и културно наследство. Почнаа градоначалници и министри почесто да зборуваат за ова откако нашиот главен град ја доби титулата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028″.
Зарем требаше некој однадвор да ги потсети дека Скопје ја има Старата скопска чаршија, еден од највредните ориентални комплекси на Балканот? Или дека го има Камени мост – симбол на градот, Скопското кале, Скопскиот аквадукт, Куршумли ан, Даут-пашин амам?
Со години овие места стојат запуштени или недоволно искористени, без вистинска грижа и без стратегија како да станат туристички магнети. Чаршијата се „реконструира” парцијално, а автентичноста се губи. Аквадуктот е оставен на забот на времето. Калето се отвора повремено, наместо да живее секојдневно.
Скопје мора да биде град на културата – секој ден, а не само една година како Европска престолнина на културата во 2028-ма. А за тоа да се случи, надлежните во градот треба да работат сериозно. Културата не се прави со краткорочни наменски акции, туку со континуитет, грижа и визија. Ако не биде така и 2028 година ќе помине како уште една пропуштена шанса.
