Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека Советот на Град Скопје донел одлука со која значително се намалува бројот на нови вработувања во градската администрација, како дел од, како што наведе, процесот на оптимизација и поодговорно управување со јавните средства.
Според Ѓорѓиевски, за првпат е предвидено намалување на бројот на нови вработувања во сите јавни претпријатија и установи, а истовремено ќе се намалува и вкупниот број вработени по законски основи.
Тој посочи дека приоритет ќе имаат работните позиции кои директно влијаат врз секојдневното функционирање на градот, како што се возачите во ЈСП, работниците и возачите во ЈП „Комунална хигиена“, како и друг оперативен кадар каде што постои реален недостиг.
Ѓорѓиевски нагласи дека административните вработувања ќе бидат сведени на минимум, а најголемиот дел од новите работни места ќе бидат наменети за теренски персонал кој обезбедува услуги за граѓаните.
„Секој денар од граѓаните мора да има јасна цел, а секое вработување вистинска потреба и конкретна работа. Го штитиме буџетот и создаваме услови за подобри услуги. Времето на пренатрупување на администрацијата и оптоварување на граѓаните го оставаме зад нас“, порача градоначалникот.
Тој оцени дека со оваа одлука средствата и човечките ресурси ќе бидат насочени таму каде што се најпотребни, со цел подобро функционирање на јавниот превоз, комуналните услуги и останатите градски сервиси.
