Жичницата до Водно, која треба да биде една од главните туристички атракции на Скопје, и денеска не работи. Од ЈСП информираа дека причината е прекин на електричната енергија на крајната станица кај Милениумскиот крст.
Ова е само последниот во низата прекини што ја следат оваа туристичка инфраструктура. Во првите месеци од годинава жичницата почесто е надвор од функција отколку што работи.
Речиси секојдневно слушаме дека кабините не овзат поради дефекти, временски услови или технички проблеми, што отвора прашања дали оваа инвестиција се одржува како што треба.
Како е можно туристичка атракција во главниот град повеќе денови да не работи отколку што работи? Ако жичницата треба да биде симбол на туристичката понуда на Скопје, тогаш мора да биде сигурна и постојано достапна, а не вест што редовно се појавува кога повторно ќе биде надвор од функција.
Инаку, жичницата, со која управува ЈСП Скопје, беше изградена и пуштена во употреба во 2011 година со цел Водно да стане подостапно и поатрактивно за скопјани и за туристите.

