Втор ден од конгресот на СДСМ, а реакциите не стивнуваат. Се чини и уште долго ќе траат. Според многумина конгресот остави впечаток дека партијата се уште не ја разбрала пораката од изборите. Па така од конгресната говорница повторно се слушаа познатите тези дека СДСМ е „најдобрата опција”, а дека проблемот не бил во раководството, туку во околностите и секако – во власта.
Самокритиката, која ја очекуваше дел од членството и јавноста остана декларативна и сведена на неколку внимателно одмерени реченици, без конкретни заклучоци или персонална одговорност.
Дали СДСМ повеќе се плаши од внатрешни потреси, отколку од губење на довербата кај народот? Доминираше впечатокот дека конгресот е собир на затворен круг на пријатели кои се охрабруват меѓусебе и се убедуваат колку се јаки.
Сепак имаше и по некој социјалдемократ кој јасно кажа – ако не се менуваме, СДСМ ќе исчезне.
Што е поблиску, менувањето внатрешно или исчезнувањето останува да се види. На потег се во самата партија.
