Претстојните седници за пратенички прашања во Собранието ќе се одвиваат без редовни паузи, со цел опозицијата да добие два часа ефективно време за поставување прашања до министрите. Ова го најави собранискиот спикер Африм Гаши, по договорот постигнат со координаторите на пратеничките групи.
Според Гаши, прекини ќе има само доколку се појави суштинска потреба, бидејќи досегашната практика покажала дека времето наменето за опозициски прашања може да помине без да биде поставено ниту едно прашање.
Токму тоа се случи на последната ваква седница, кога беа побарани две едночасовни паузи. Првата ја побара координаторката на ДУИ, Рина Ајдари, со образложение дека собраниската сала е празна и дека треба да се соберат министрите кои требаше да одговараат на пратеничките прашања. Втората пауза ја побараа пратениците на ЗНАМ. Така, двата часа предвидени за оваа собраниска активност поминаа без ниту едно прашање до Владата, по што следуваше жестока расправија во салата.
„Паузи нема да има, освен ако не се суштински. Ќе има два часа ефективни прашања“, изјави Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Тој се осврна и на присуството на министрите на седниците за опозициски прашања, оценувајќи дека состојбата значително се подобрила. Според неговите тврдења, во моментов присуствуваат 99 проценти од министрите, иако во минатото имало долги периоди кога овие седници воопшто не се одржувале или не функционирале како што треба.
Гаши посочи дека на почетокот имало проблеми со присуството на одредени членови на Владата, но дека во последните месеци и министерот за економија, кој претходно бил меѓу поретко присутните, редовно доаѓа на седниците. Тој додаде дека ги опоменувал министрите да присуствуваат, но дека неговите можности за понатамошно влијание се ограничени.
Опозицијата повторно ќе има можност да ѝ поставува прашања на Владата на крајот од ноември, за што, според Гаши, е постигнат договор меѓу сите пратенички групи.
Во декември Собранието го очекува густа агенда. Меѓу темите што треба да се најдат пред пратениците е интерпелацијата на министерот за локална самоуправа, како и повеќе законски решенија, меѓу кои и Законот за трансформација на работните односи. Пред крајот на годината повторно се очекува да бидат одржани и пратенички прашања.
