СДСМ реагира на обвинението против девет полициски службеници од Велес за случајот со убиството на Росица Коцева, посочувајќи дека одговорноста не смее да се сведе само на службениците кои директно постапувале по пријавите за семејно насилство.
Од партијата велат дека истрагата треба да ја опфати целата хиерархија на одговорност, вклучително и раководните структури во полицијата, но и надлежните во Министерството за внатрешни работи.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес, кои, според обвинението, во период од седум месеци не постапиле соодветно по пријавите за семејно насилство поднесени од Росица Коцева, која подоцна беше убиена од својот поранешен партнер.
Од СДСМ прашуваат зошто во обвинението се опфатени само полициски службеници, а не и нивните претпоставени – командири, началници и други раководители кои, како што велат, имале обврска да обезбедат правилно функционирање на системот.
„Обичните полицајци не можеле сами да држат пријави и извештаи во фиока. Мора да се утврди кој сè знаел за случајот и кој имал обврска да реагира“, посочуваат од опозициската партија.
Според СДСМ, во постапката треба да биде опфатен и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поради наводите што се појавија во јавноста дека Росица Коцева му испратила порака со барање за помош на неговиот телефон.
„Обвинителството треба и Панче Тошковски да го опфати. Треба да се провери комуникацијата и да се обезбедат сите информации. Зошто не се разрешија раководителите, командирот или началникот? Обвинителството мора да ја испита целата линија на одговорност, од службениците што постапувале по пријавите, локалното раководство, па сè до министерот“, изјави Кети Штерјова од СДСМ.
Од партијата упатија и барање за оставка од Тошковски, поврзувајќи го случајот со Росица со поширок проблем на насилство врз жени во земјата.
„Има бројни примери – Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, Сара од Охрид. Уште колку жртви треба да има за да има одговорност“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија оценуваат дека институциите мора да обезбедат целосна истрага и да се утврди дали имало пропусти не само кај поединци, туку и во системот кој требало да ги заштити жртвите на семејно насилство.
