Две и пол години власт на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ донеле пад на економијата, влошување на животниот стандард, нови задолжувања и блокиран европски пат, обвини денеска СДСМ.
Од опозициската партија велат дека додека, според нив, милиони евра завршуваат во партиски тендери и сомнителни зделки, граѓаните се соочуваат со сè повисоки трошоци и намалена куповна моќ.
„За диџеј 5,53 милиони евра, 200 милиони евра скандали со тендери, распродажба на земјата, водата и рудата“, наведуваат од СДСМ, обвинувајќи ја власта дека економските политики ги води во интерес на поединци и бизнис структури.
Од партијата посочуваат и на енергетскиот сектор, каде што, како што велат, „бизнис-мрежата работи со полна пареа“, споменувајќи договори за броила и зделки со автобуси поврзани со странски партнери.
СДСМ оценува дека потрошувачката кошничка со трошоците за изнајмен стан надминала 90.000 денари, додека работниците остануваат со ниски плати и тешко ги покриваат основните потреби.
Опозициската партија обвинува и дека земјоделците се оставени без доволна поддршка, со намалени субвенции, проблеми со откупот и пласманот, како и доцнења во исплатите.
Критики упатија и за состојбата со пензионерите, тврдејќи дека постои голема дупка во ПИОМ и дека власта размислува да посегне по средствата од вториот пензиски столб.
Според СДСМ, јавниот долг во изминатите две и пол години е зголемен за околу четири милијарди евра, а странските инвестиции се на историски ниско ниво.
Од партијата тврдат дека поради недостиг на средства во Буџетот се подготвува нов ребаланс, кој би бил втор за краток период, проследен со ново задолжување.
„Тотален економски дебакл. Наместо реформи и европска иднина, власта ја оддалечува Македонија од Европската Унија“, порачаа од СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека политиките на актуелната влада довеле до сиромаштија, изолација, полош животен стандард и зголемено иселување на младите.
