Од СДСМ оценуваат дека отворањето предмет од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата за можен судир на интереси претставува само еден сегмент од случајот со финансирањето на прославата на Денот на независноста и дека е неопходна истрага од Јавното обвинителство.
Според партијата, проверката на ДКСК не може да ја замени истрагата за начинот на кој биле потрошени, како што тврдат, 5,5 милиони евра.
Од СДСМ наведуваат дека Владата не ја информира јавноста за договорите, анексите, исплатите и фактурите поврзани со организацијата на прославата, како и дека остануваат отворени прашања околу начинот на трошење на јавните средства.
Партијата бара Јавното обвинителство да обезбеди целокупна документација, да го следи текот на парите и да утврди како биле донесени одлуките за финансирање на настанот.
Од СДСМ прашуваат дали постои одлука на Собранието на акционери на Државна лотарија за трошењето на средствата, кој орган го одобрил трошењето на над 300 милиони денари и врз основа на кој закон.
Воедно, бараат да се испита јавниот повик преку кој бил избран организаторот, трошоците за настапот на светскиот диџеј Дејвид Гета, исплатите кон компаниите „Стардаст“ и „Авалон“, како и приходите од продажбата на билети и евентуалното плаќање данок.
Од партијата сметаат дека јавноста заслужува целосна транспарентност и повторуваат дека Јавното обвинителство треба да отвори целосна истрага за сите околности поврзани со организацијата и финансирањето на прославата.
