Технологијата ја достигна новата пресвртница во војната во Украина. За прв пат во историјата, целосно автономен копнен робот успеа да зароби непријателски војници, без директно да го загрози животот на украинските сили.
Во близина на Лајман се случила операција која може да го промени начинот на кој се води модерното војување. Украински борбен робот, опремен со вештачка интелигенција, лоцирал и заробил тројца руски војници, што потврди производителот на системот, компанијата DevDroid, пренесува „Дејли меил“.
Компанијата нагласува дека мисијата е извршена без ризик за украинските војници и дека овој настан е пример како модерната технологија може да спасува животи на фронтот.
„Ова е модерно војување: роботите се на првата линија, а луѓето се безбедни. Мисијата е извршена од далечина, а фондот за размена на затвореници е надополнет,“ соопшти DevDroid.
Роботот што го изврши подвигот е моделот TW-7.62. Тој не е едноставна машина со далечинско управување, туку систем кој користи AI за автономно препознавање, фиксирање и следење на целта. Исто така, поседува балистички компјутер кој ја зголемува точноста на огнот, намалувајќи ја човечката грешка.
Иако слични роботи веќе се користат за уништување оклопни возила или за обезбедување на фронтовските линии, ова е првпат да се забележи случај во кој роботски систем ги принудува војниците да се предадат.
Видеото снимено од самиот робот го прикажува моментот на предавање, што дополнително ја потврдува способноста и супериорноста на оваа технологија во специфични борбени услови.
