Стриминг-гигантот „Нетфликс“ подготвува нова голема реорганизација, која ќе резултира со отпуштање на околу 1.000 вработени, што претставува приближно шест проценти од вкупната работна сила на компанијата.
Според „Ројтерс“, најголемиот дел од засегнатите позиции ќе бидат во секторите за производи, технологија, правни работи и човечки ресурси. Намалувањето на бројот на вработени е дел од планот за преструктурирање со кој компанијата сака поефикасно да ги насочи ресурсите и да се фокусира на сегментите што носат понатамошен раст.
Во порака испратена до вработените, извршните директори Грег Питерс и Тед Сарандос посочиле дека работењето на компанијата останува стабилно, а „Нетфликс“ продолжува да ги следи поставените финансиски цели.
И покрај позитивните резултати, компанијата се соочува со сè поголема конкуренција во борбата за вниманието на корисниците. Особен предизвик претставуваат платформи како Јутјуб и Тик-ток, кои нудат огромен број бесплатни видеосодржини.
Поради тоа, „Нетфликс“ во последниот период работи на проширување на бизнис-моделот преку воведување реклами, спортски и други преноси во живо, како и развој на сегментот со видеоигри, покрај традиционалните претплати.
На крајот на 2025 година компанијата имала околу 16.000 вработени. Последното поголемо намалување на бројот на работници беше во 2022 година, кога беа укинати околу 450 работни места.
