Путин наводно прифатил безбедносни гаранции за Украина според модел сличен на членот 5 од НАТО, но со услов да нема распоредување сили на Алијансата на украинска територија, тврдат извори блиски до мировните преговори.
Информацијата ја објави колумнистот на „Вашингтон пост“, Дејвид Игнатиус, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со разговорите. Според него, рускиот претседател во приватни контакти не го отфрлил целосно моделот според кој САД и европските држави би ѝ гарантирале помош на Украина доколку повторно биде нападната.
Членот 5 од Северноатлантскиот договор предвидува дека напад врз една членка на НАТО се смета за напад врз сите членки на Алијансата. Во случајот со Украина, предложениот модел би значел безбедносни гаранции од западните земји, но без формално членство во НАТО и без трајно присуство на странски војници во земјата.
Според информациите, како дел од можниот договор се разгледувало и укинување на санкциите кон Русија, со можност тие повторно да бидат активирани доколку Москва преземе чекори што би укажувале на подготовка за нова воена операција.
На руското барање да нема војници на НАТО во Украина, американската страна наводно одговорила со предлог руските сили да бидат повлечени од границата веднаш по евентуалното примирје. Во случај на нова руска офанзива, би постоела можност за брзо распоредување сили на Алијансата во Украина.
Американски и европски претставници разговарале и за воспоставување механизми за контрола на договорот, како и за размена на разузнавачки информации во случај на нарушување на примирјето.
Во изминатиот период во Берлин се одржа нова рунда разговори за мировниот план, на која учествувале претставници на Украина, САД и европските земји. На маса биле и најчувствителните прашања, меѓу кои територијалните спорови и идните безбедносни гаранции.
Американски медиуми претходно објавија дека Вашингтон разгледува можност Украина да добие правно обврзувачки гаранции слични на оние од членот 5 на НАТО, но без непосредно приклучување кон Алијансата.
Русија досега јавно ги отфрлаше ваквите предлози, оценувајќи дека безбедносни гаранции по модел на НАТО се неприфатливи. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, повеќепати истакна дека стратешка цел на Киев останува полноправно членство во НАТО, додека предложените гаранции отвораат дополнителни прашања.
