Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против девет полициски службеници обвинети во предметот поврзан со дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На рочиштето одбраната ги образложуваше предлог-доказите од доказните листи, при што предложи изведување на повеќе материјални докази и распит на сведоци.
Меѓу предложените сведоци е и Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс“. Според одбраната, тој треба да се изјасни за околностите поврзани со евентуална противправна имотна корист, како и за односите и контактите со обвинетиот Боби Гидиоски.
Адвокатот Бранко Колев, бранител на обвинетиот Гидиоски, по завршувањето на рочиштето изјави дека одбраната предложила 16 материјални документи и осум сведоци.
„Како бранител на обвинетиот Боби Гидиоски имаме предложено многу докази, од кои материјални и вербални докази. Од материјалните предложивме околу 16 документи, додека од вербалните осум сведоци, меѓу кои е и Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката „Пулс““, изјави Колев.
Тој посочи дека сведочењето на Јованов е предложено бидејќи обвинението тврди дека обвинетите му овозможиле стекнување имотна корист преку платата што ја добивал како вработен во период од шест месеци.
Одбраната предложила и документи поврзани со работењето на МВР, односно СВР Штип, како и документи кои се однесуваат на состојбите и проблемите во дискотеката „Пулс“.
Колев наведе дека дел од доказите се поврзани со таканаречена проблемска информација за состојбите во објектот, за која тврди дека била доставена до надлежните, но не била соодветно разгледана.
Јавната обвинителка Спасенка Андонова, која го застапува обвинението, најави дека на следното рочиште ќе се произнесе по секој од предлозите на одбраната.
Судот одлучи главната расправа да продолжи утре во 12 часот.
Предметот се однесува на наводни пропусти на девет полициски службеници при контролите, проверките и издавањето согласности за работа на угостителскиот објект „Пулс“ во Кочани. Обвинителството тврди дека не биле направени целосните проверки за исполнување на законските и безбедносните услови, со што му било овозможено на објектот да добие и користи лиценца.
Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а претходно пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
