Од четврток официјално започнува примената на електронскиот паричник, со што граѓаните ќе можат личната карта и возачката дозвола да ги користат директно преку својот мобилен телефон.
Апликацијата ќе биде официјално промовирана во среда, на 28 октомври, а министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека станува збор за безбедно решение кое овозможува подобра заштита на личните податоци.
Според него, корисниците повеќе нема да мора да ги откриваат сите информации од своите документи при легитимирање. Наместо тоа, ќе можат сами да изберат кои податоци сакаат да ги споделат, а размената ќе се врши преку QR-код за еднократна употреба.
„Кодот се скенира, а другото лице ги добива податоците само доколку вие го дозволите тоа. По 10 до 15 секунди, QR-кодот истекува и не може повторно да се употреби“, појасни Андоновски.
Тој нагласи дека електронскиот паричник е првиот чекор кон воведување на европскиот дигитален паричник, кој во иднина треба да овозможи целосна дигитализација на личните документи и постепено додавање нови услуги за граѓаните.
Андоновски овие информации ги соопшти пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, што се одржа во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ во Скопје.
