Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница посветена на пратеничките прашања презентираше економски показатели за растот на бруто-домашниот производ, просечната плата, пензиите и инфлацијата, правејќи споредба со резултатите од претходните години, но и со актуелните економски показатели во земјите од регионот.
Според податоците што ги изнесе премиерот, реалниот раст на бруто-домашниот производ во 2024 и 2025 година изнесувал 3,8 проценти, додека во вториот квартал од 2026 година достигнал 4,3 проценти.
Во однос на номиналниот раст на БДП, Мицкоски посочи дека во 2024 година тој изнесувал над осум проценти, а во 2025 година над седум проценти. Очекувањата на Владата се дека и во 2026 година номиналниот раст ќе надмине осум проценти.
Премиерот посебно се осврна на движењето на реалната нето-плата, односно растот на платите кога ќе се земе предвид влијанието на инфлацијата врз куповната моќ на граѓаните.
Според него, реалната нето-плата во септември 2026 година забележала раст од 5,2 проценти, додека во истиот месец во 2022 година бил регистриран пад од пет проценти.
Мицкоски презентираше и податоци за движењето на просечната месечна нето-плата во изминатите 28 месеци. Според изнесените бројки, просечната плата во мај 2024 година изнесувала 41.252 денари, додека во септември 2026 година достигнала 49.141 денар.
Во истиот период, според премиерот, синдикалната минимална кошничка поскапела за 16 проценти, што е помалку од растот на просечната плата.
Значително зголемување, според податоците што ги презентираше Мицкоски, било забележано и кај просечната пензија, која од 21.209 денари во мај 2024 година достигнала 28.935 денари во септември 2026 година, што претставува раст од околу 36,5 проценти.
Во своето обраќање пред пратениците, премиерот направи споредба и на стапките на инфлација во Македонија и земјите од регионот.
Според бројките што ги изнесе, инфлацијата во септември 2026 година во Македонија изнесувала 2,7 проценти, во Албанија 2,9 проценти, во Словенија 3,3 проценти, во Србија 4,1 процент, во Хрватска 4,7 проценти, во Црна Гора 4,9 проценти, во Грција 5,1 процент, во Бугарија 5,6 проценти, во Косово 7,8 проценти, додека во Турција достигнала речиси 30 проценти.
За споредба, Мицкоски посочи дека во септември 2022 година Македонија имала инфлација од 18,7 проценти, со што била меѓу земјите со највисока инфлација во регионот.
Премиерот оцени дека презентираните економски показатели ја покажуваат разликата во резултатите меѓу актуелната и претходната влада.
„И за уште многу параметри можам да зборувам, но времето е толку. Разликата е јасна и евидентна“, заклучи Мицкоски.
