Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до четврток учествува на меѓународната финансиска конференција „Global Banking & Markets – CEE, Central Asia & Türkiye 2026“, на која се разгледуваат актуелните предизвици и перспективи на глобалните финансиски пазари.
Во фокусот на конференцијата се глобалните финансиски трендови, управувањето со ризиците, движењето на каматните стапки, пристапот до капитал, можностите за финансирање и новите перспективи на меѓународните пазари.
Како што информираше Димитриеска-Кочоска преку објава на Фејсбук, настанот обединува високи претставници на финансиски институции, банки, инвеститори, компании и креатори на економски политики од регионот и пошироко.
Во рамките на конференцијата се одржуваат панел-дискусии и презентации на експерти од меѓународниот финансиски сектор, преку кои се разменуваат искуства и се разгледуваат актуелните економски и финансиски предизвици.
Министерката нагласи дека учеството на вакви меѓународни настани претставува значајна можност за размена на знаења, воспоставување нови контакти и продлабочување на соработката со меѓународните финансиски институции и инвеститорската заедница.
Според Димитриеска-Кочоска, ваквата соработка е од значење за отворање нови можности за финансирање и поддршка на економскиот развој на Македонија.
