Македонија има амбиција да стане значаен енергетски партнер во регионот, преку отворање нови правци за снабдување, зајакнување на меѓународната соработка и реализација на стратешки инфраструктурни проекти.
Ова го порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќањето на отворањето на првиот форум за енергетска дипломатија, кој се одржува во Скопје.
„Македонија е поинаква отколку пред две години. Создаваме решенија што траат, создаваме иднина. Нашата одговорност е одлуките што ги носиме денес да обезбедат сигурност за генерациите што доаѓаат“, порача Божиновска.
Министерката нагласи дека енергетиката одамна не претставува само прашање на производство, снабдување и цени, туку има суштинско значење за националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност.
Според неа, војната во Украина и кризите на Блискиот Исток покажале колку брзо глобалните случувања можат да влијаат врз секое домаќинство, компанија и држава.
„Во такви услови дипломатијата е еден од најважните инструменти на енергетската политика. Преку неа градиме доверба, отвораме нови правци за снабдување и поврзуваме пазари. Така создаваме партнерства што траат подолго од еден политички мандат“, истакна Божиновска.
Таа посочи дека токму потребата од заеднички одговор на енергетските предизвици е една од главните причини за организирањето на форумот во Скопје.
„Сакаме Скопје да биде место каде што заедничките предизвици ќе добијат заеднички решенија, а разговорите ќе водат до конкретна соработка. Нашата амбиција е да бидеме активен партнер во енергетските процеси и да учествуваме во обликувањето на одлуките што нè засегаат сите“, потенцира министерката.
Божиновска оцени дека географската и стратешката положба на Македонија овозможува земјата да прерасне во важна енергетска врска во регионот.
Во тој контекст, таа ги посочи изградбата на гасниот интерконектор со Грција и планираното гасно поврзување со Србија како значајни проекти за диверзификација на изворите и правците за снабдување со енергија.
„Со развојот на мрежите и подоброто поврзување на пазарите придонесуваме за енергетската сигурност и на регионот и на Европа. Европската енергетска сигурност не завршува на границите на ЕУ. Таа зависи и од тоа колку е отпорен, поврзан и стабилен Западен Балкан. Затоа, регионалната соработка е заедничка потреба и не можеме да ја одложуваме“, нагласи Божиновска.
