Во Основниот кривичен суд Скопје, во судницата во Идризово, денеска продолжува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Постапката се наоѓа во фазата на изведување докази, а на денешното рочиште е предвидено да продолжи вкрстеното испрашување на тимот градежни вештаци кои го изработија вештачењето по барање на Обвинителството.
На претходното рочиште одбраната на обвинетите поставуваше низа прашања до професорите Горан Марковски и Душица Анѓелковиќ, кои беа дел од тимот вештаци од Градежниот факултет при УКИМ. Прашањата најмногу се однесуваа на урбанистичкиот статус на објектот во кој функционирала дискотеката.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим составен од 15 јавни обвинители.
Со завршувањето на распитот на градежните вештаци се очекува Обвинителството да ја заврши својата доказна постапка. Потоа ќе започне фазата во која одбраната ќе ги презентира своите докази и аргументи пред судот.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави една од најголемите несреќи во поновата историја на Македонија.
