Со свечена церемонија беа одбележани 130 години од изградбата на храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Скопје, еден од најзначајните православни храмови во главниот град.
По повод јубилејот, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доби признание за поддршката што Град Скопје ја дал во реконструкцијата на придружните објекти на храмот.
Ѓорѓиевски истакна дека „Свети Димитриј“, кој во минатото бил Соборен храм, со децении претставува духовно прибежиште за верниците, место каде што се споделуваат радостите, тагите и молитвите за здравје, мир и благосостојба.
Тој нагласи дека признанието има посебна вредност за него и дека го доживува како потсетник за обврската да се зачува духовното и културното наследство за идните генерации.
„За мене, да се помогне е чест, но и одговорност пред генерациите што допрва ќе го пречекорат прагот на овој храм“, порача Ѓорѓиевски.
Во своето обраќање, тој упати благодарност до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, отец Жарко и свештенството на Македонската православна црква за укажаната чест и нивната посветеност во зачувувањето на духовните вредности.
Градоначалникот изрази надеж дека храмот и во иднина ќе остане место исполнето со молитва, вера и духовност, а неговите камбани ќе продолжат да повикуваат на мир, љубов и заедништво.
