Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, побара итно запирање на градежните активности што се одвиваат на државно земјиште во населбата Бутел 2, сè до утврдување на законитоста на градбата.
Како што информираше преку објава на социјалните мрежи, во Општината пристигнале пријави од повеќе од десетина жители кои изразиле загриженост поради активностите на терен.
„Ги предупредуваме лицата кои во моментов преземаат почетни градежни активности на државното земјиште во Бутел 2 веднаш да ги запрат сите понатамошни активности до утврдување на законитоста на градбата“, наведува Костовски.
Тој посочи дека доколку инспекциските проверки покажат дека станува збор за бесправна градба, а активностите продолжат, Општина Бутел во координација со Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите законски мерки.
Според најавите, тоа ќе вклучува поднесување кривична пријава до надлежните институции, како и отстранување на сè што евентуално ќе биде бесправно изградено, согласно законските процедури.
„Државното земјиште не е ничија приватна сопственост. Општина Бутел нема да толерира узурпација на државно земјиште и незаконско градење“, порача градоначалникот.
Засега нема официјална потврда дали градежните активности се бесправни, а од Општина Бутел најавуваат дека ќе постапат согласно законите доколку се утврдат неправилности.
