Полициски службеници привеле 38-годишен државјанин на Албанија, откако бил затекнат како предизвикува пожар на сува трева на отворен простор во прилепскиот регион.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 23 октомври 2026 година во 14:20 часот, на местото викано „Коливади“ во атарот на село Житоше, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово го лишиле од слобода М.Џ.(38).
Според пријавеното, лицето било затекнато додека предизвикувало пожар на сува трева. Огнот бил локализиран и изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп.
За случајот бил известен јавен обвинител, а приведениот бил предаден во ОВР Прилеп.
Од МВР додаваат дека по целосното документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 288 од Кривичниот законик за „Предизвикување на општа опасност“.
