Зголемена фреквенција на возила е регистрирана на повеќе гранични премини и патни правци низ Македонија, а најголеми задржувања има на Табановце, каде патниците утринава чекаат повеќе од еден час за излез од државата.
Според информациите од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), засилен сообраќај има и на граничните премини Блаце и Деве Баир. На Блаце кон Косово се чека околу 30 минути, додека на Деве Баир кон Бугарија задржувањето е околу 20 минути. На останатите премини засега нема подолги задржувања.
Патиштата во земјава се со суви коловози, но АМСМ апелира до возачите на зголемена внимателност, особено низ клисурите и котлините каде постои опасност од одрони. Како ризични делници се посочени Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Кочани – Делчево и Виница – Берово.
Дополнително внимание е потребно поради активните градежни работи и изменетите сообраќајни режими на повеќе делници. На патот Прилеп – Кавадарци, меѓу селата Беловодица и Тројаци, возилата се пропуштаат наизменично по една коловозна лента.
На патниот правец Прилеп – Битола, поради изградбата на Коридорот 10Д, сообраќајот е пренасочен преку регионалната врска од клучката Лагово до Тополчани. На автопатот А1 кон Грција, кај делницата Гевгелија – Богородица, едната страна од коловозот е затворена, а возилата се движат двонасочно по спротивната страна.
Изменет режим на сообраќај има и на делниците Кичево – Охрид, Гостивар – Кичево кај мостот на реката Тајмишка, на влезот од Скопје кон Блаце, како и кај браната „Глобочица“ на патот Струга – Дебар. Делницата Мало Коњари – Кривогаштани останува целосно затворена поради оштетување и слегнување на патниот труп.
За возачите кои ја користат делницата низ повеќенаменското подрачје Јасен важат посебни термини за премин. Од Скопје кон Македонски Брод дозволеното движење е од 07:30 до 09:00 часот, од 12:00 до 12:45 часот и од 16:00 до 18:00 часот. Во обратна насока термините се од 06:00 до 07:00, од 10:30 до 11:00, од 13:00 до 13:45 и од 18:30 до 20:00 часот.
Преминот преку Националниот парк „Галичица“ меѓу Охрид и Ресен останува отворен за сите моторни возила со тежина до 3,5 тони.
