Скопје, 12 март 2026 – На 58-годишна возраст почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили, потврдиле за медиумите блиски пријатели на семејството и неговата сопруга, кореографката Гордана Деан Поп Христова.
Кили мирно ја напуштил животната сцена во сон, од последици од инфаркт, додека престојувал со семејството во Еквадор, каде живеел од 2014 година.

Актерот честопати се враќал во Скопје, но последната година и пол ја поминал во Јужноамериканската држава со сопругата и ќерката.
Сопругата Гордана објави низа семејни фотографии со Кили, ќерките и внучето со порака: „Ни отиде… Те сакаме“, со која семејството се збогува од омилениот сопруг, татко и дедо.

Веста за неговата смрт ја потресe македонската културна јавност, а познати актери, пријатели и колеги веќе изразија жалење и се простуваат од него на социјалните мрежи.
Кили ќе биде погребан во Еквадор, во Мангларалто, покрај океанот, како што информираше неговото семејство.

Кили е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот Актерска игра, во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година. Од 1993 година работел во Македонски народен театар во Скопје. Познат е по улогите во Тетовирање, Македонска Сага, Пикасо и Трст виа Скопје.
Кили останува запаметен како еден од значајните македонски актери на својата генерација, со бројни улоги кои го одбележаа театарското и филмското наследство во земјата.
