Разбирам дека граѓаните се разочарани од искуствата со претходните раководства, но мојата цел е да покажам дека со чесен, професионален и човечки пристап, работите може да се прават поинаку. Со мојот тим во Кисела Вода го покажавме тоа. За Скопје веќе работам со тим од врвни професионалци, експерти за урбанизам, транспорт, екологија, култура, финансии и дигитализација, луѓе кои си ја знаат работата, но и имаат визија. Ќе воведеме јасна поделба на одговорностите и менаџерски пристап. Ќе работиме посветено и ќе успееме“, ветува Орце Ѓорѓиевски, фаворит во трката за градоначалник на Скопје.
Ако во нешто се согласуваат сите предизборни анкети, тоа е фактот дека Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, уште отсега може да го прогласиме за иден градоначалник на Скопје. Ако не уште во првиот, тој сигурно победува во вториот изборен круг. Па сепак, актуелниот градоначалник на општината Кисела Вода, во оваа кампања влегува со големи амбиции и очекувања. Во интервјуто за Плусинфо вели:
– Драго ми е што граѓаните ме гледаат на тој начин, затоа што тоа е знак на нивната доверба и признание за сработеното. Јас сум горд што зад мене има дела, што има реализирани проекти кои целосно го подобрија ликот на општина Кисела Вода и го унапредија животот на моите сограѓани. Најголемата потврда за тоа е токму довербата што луѓето ми ја дадоа, а сега ја враќаат со поддршка. Анкетите што ме ставаат во позиција на фаворит се голема чест, но и мотив и огромна одговорност, која со задоволство ја прифаќам. Очекувањата се секогаш високи, посебно ако се земе предвид катастрофалната состојба во која денес се наоѓа Скопје. Луѓето бараат темелни промени, подобар живот, сигурност, еднакви можности и перспективи за иднината, бараат да не бидат излажани, да не бидат гледани како бројка за гласање, бидејќи најважно од сѐ, е почитта кон човекот и неговото достоинство
Врз овие постулати се заснова и мојата програма и од нив ќе се водам и во текот на целата кампања. Кампањата за мене претставува можност ја претставам најамбициозната и најобемната програма за Скопје, што било кој претходен градоначалник досега ја имал. Таа е развиена со експертски тим, но и во постојанa комуникација со граѓаните, чиј глас и потреби се вградени во конкретни решенија. Ова не е само програма со ветувања, туку план кој се потпира на седум столбови со реални проекти и мерливи резултати.
Се надевам дека моите противкандидати ќе останат фокусирани на својата понуда и проекти и дека ќе се придржуваат до кодексот за фер и демократски процеси што го потпишавме. Кампањата мора да остане на ниво на идеи и решенија, а не на лични напади. На крајот, резултатот ќе го кажат граѓаните, а јас во целост верувам во нивниот суд.
