Од полноќ на бензинските станици стапуваат на сила нови малопродажни цени на нафтените деривати, според кои бензините ќе поскапат за еден денар по литар, додека дизелот значително ќе поевтини.
ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 100 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе достигне цена од 102 денари за литар. Од друга страна, дизелот ќе поевтини за 4,5 денари и од полноќ ќе чини 100 денари за литар.
Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се намалува за три денари и ќе изнесува 111,50 денари за литар. Мазутот ќе се продава по цена од 49,882 денари за килограм.
Според Регулаторната комисија за енергетика, со новата одлука просечните малопродажни цени на нафтените деривати се намалуваат за 1,06 проценти во однос на претходните цени што важеа од 21 септември.
Главната причина за поевтинувањето на дизелот е падот на неговата референтна цена на светскиот пазар, која во изминатиот период се намалила за 6,7 проценти, односно за повеќе од 107 долари по тон. Кај бензините, пак, берзанските цени останале речиси непроменети.
Влијание врз пресметката имал и курсот на доларот, кој во однос на денарот бил посилен за речиси еден процент, што делумно го ублажило ефектот од падот на цената на дизелот.
Дополнително, Владата ја продолжи примената на повластената стапка на ДДВ од 10 проценти за дизелот, како и мерката за намалена акциза од четири денари по литар за бензините и дизелот.
Новите цени ќе останат во сила до следната одлука на Регулаторната комисија за енергетика.
