Собранието денеска го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, со кој се прават корекции на приходите и расходите, додека буџетскиот дефицит останува непроменет на 46,3 милијарди денари.
Со усвоениот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку од првичните проекции за годинава. Во ист износ се намалуваат и вкупните расходи, кои се планирани на 420,5 милијарди денари.
Дополнетиот ребаланс пред пратениците го образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека целта е да се зачува економската стабилност и да се обезбеди сигурно финансирање на државните обврски до крајот на годината, во услови на продолжени глобални геополитички предизвици.
„Државната каса до крајот на годината е стабилна и обезбедени се средства за редовна исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, обврските кон стопанството, како и за сервисирање на долговите што доспеваат. Тоа е суштината на одговорното управување со јавните финансии“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Од Министерството за финансии посочуваат дека намалувањето на расходите најмногу се однесува на ставките за стоки и услуги и субвенции, со цел да се обезбедат дополнителни средства за здравството и најранливите категории граѓани.
Со ребалансот се предвидени дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци и 887 милиони денари за здравствена заштита.
За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедени дополнителни 1,8 милијарди денари наменети за ранливите категории, социјалната помош, народните кујни и социјалните услуги, како и уште 600 милиони денари за редовна исплата на породилните надоместоци.
Капиталните расходи остануваат проектирани на 40,1 милијарда денари, а средствата ќе бидат насочени кон инвестиции во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналните проекти, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството, како и за продолжување на финансиската поддршка за општините и локалните инфраструктурни проекти.
