Клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од понеделник, 16 ноември, ќе можат да ги користат банкарските услуги и во експозитурата во Прилеп. Народната банка информира дека таму клиентите кои имаат платежна сметка, но немаат платежна картичка, ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели.
Продолжуваат со работа и филијалите на банката во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во трговскиот центар „Бисер“. На овие локации граѓаните можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Од 10 ноември клиентите повторно можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство. За корисниците со платежни картички важи ограничување од 15.000 денари неделно, додека оние без картички можат да располагаат со најмногу 20.000 денари во период од две недели.
