Летово ќе почнат теренските работи на пругата кон Бугарија, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски кој информираше дека е објавен тендерот за избор на надзор за третата фаза од пругата кон Бугарија, а за 10-ина дена треба да биде објавен и тендерот за избор на изведувач.
– Изградбата на железничкиот и патниот дел од Коридорт 8 ќе чини 5 милијарди евра. Државата покажува дека може да спроведува големи инфраструктурни проекти – рече Николоски.
Министерот Николоски учествуваше на состанокот за активностите и плановите за проектите на Коридорот 8 заедно со претставници на Делегацијата на Европската унија во Скопје на кој се разговараше и за западното железничко крило на Коридорот 8, како и за проектите за изградба на патните делници на овој Коридор.
