Националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ организира промоција на својата јубилејна монографија: „75 години Танец“-Монографска презентација на архивската граѓа од архивот на Н.У Ансамбл за народни игри и песни „Танец“.
Ова значајно издание, кое го трасира богатиот пат и наследство на „Танец“ во текот на седум и пол децении, претставува ризница на документи, фотографии и сведоштва за неговата културна мисија како најзначаен презентер на македонското фолклорно творештво.

Промоцијата ќе се одржи во среда, 20 ноември 2025 година, во 18:00 часот, во новата Мултимедијална читалница на НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
По повод прославување на 75-годишниот јубилеј на Ансамбл „Танец“ (основан во 1945 година) ќе биде претставено капиталното монографско дело, кое е резултат на темелното истражување и архивирање на историската граѓа на институцијата.
Од „Танец“ покануваат сите медиумски куќи, новинари, уредници и културни работници да присуствуваат на промоцијата и да помогнат во ширењето на веста за оваа важна монографија, која трајно го документира „македонскиот код“ негуван од „Танец“.
