Министерството за финансии одзеде дозвола за работа на едно финансиско друштво откако вонреден надзор, спроведен по пријава од граѓанин, утврдил сериозни прекршувања на законските обврски.
Според наодите од контролата, биле констатирани груби повреди на прописите, непочитување на правилата за заштита на корисниците и практики што директно ги изложувале граѓаните на ризик при користење финансиски услуги.
Поради сериозноста на утврдените неправилности, Министерството во мај донело решение за одземање на лиценцата за работа на друштвото.
Од Министерството информираат дека годинава продолжуваат засилените теренски и вонтеренски контроли во секторот. Од почетокот на годината досега биле изречени 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените недостатоци.
Паралелно се подготвуваат и законски измени со кои ќе се заострат условите за работа на финансиските друштва, со цел подобра заштита на потрошувачите, поголема транспарентност и намалување на ризикот од прекумерно задолжување на граѓаните.
Министерството најавува дека ќе продолжи со интензивни контроли и ќе ги користи сите законски механизми за спречување на неправилности и заштита на интересите на граѓаните.
