По неколкудневната бучава на опозицискиот СДСМ околу можното доселување на мигранти во Македонија, темата полека стивнува. Останува најавата за некаква си опозициска резолуција, но се чини цврстите уверувања на власта дека немало и нема да се разговара со Велика Британија за доселување на мигранти ја смируваат наметнатата тензија.
Но, тоа не значи дека мигрантската маршрута од соседна Грција кон централна Европа не си врви низ Македонија. Доволно е да се погледнат полициските билтени за да се види дека често се откриваат илегални влезови во нашата држава помогнати од тукашни криумчари на мигранти.
Е, тука треба да се троши енергијата и на власта и на опозицијата. Овој реален проблем треба да се решава. Загрижуваат големите бројки, а и во шверцот на мигрантите почнаа да се вклучуваат и странски државјани кои ги доразвиваат нелегалните шеми и како што се дознава наплаќаат до 1.000 евра по лице.
Да, овие мигранти пред се транзитираат низ Македонија, но не остануваа овие работи без инциденти, а и државата не смее да остава порозни граници ниту пак можност еден ден тие мигранти да ни бидат вратени, а познато е дека Грција не ги прифаќа назад иако од таму влегле кај нас.







